Заврши изградбата на Станбената улица со паркиралиштето и пристапната улица од северната страна на блокот згради на улицата „Стево Теодосиевски“ во централното градскo подрачје на Кочани.
Асфалтираните улици се со вкупна должина од 350 м, со тротоар, рабници и решетки за атмосферска вода. Изградено е и паркиралиште со површина од 1 800 м2.
– Просторот го подобри ликот и функционалноста. На овој дел во централното градско подрачје работевме од пробивање и трасирање на улицата до конечна изградба. Овозможивме поквалитетен приод, а со паркиралиштето одговоривме на потребите на станарите и на комерцијалните објекти во станбениот блок. Градот ќе добие дополнително сообраќајно олеснување со изградбата на новата коловозна лента на „Стево Теодосиевски“, која очекуваме да почне идниот месец – соопшти Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
За изградбата на Станбената улица се наменети 2 милиона денари, средства од Буџетот на Општина Кочани.