Петнаесет лица коишто беа ангажирани во програмата Општинско корисна работа ги добија потврдите за учество во проектите „Сестрана грижа“ и „Мисија“, коишто се реализираа во Кочани.

– Програмата Општинско корисна работа 2020/21 година заврши, во неа беа ангажирани три образовни асистенти, по петмина негуватели на стари лица и на лица со хендикеп, а две лица работеа во Центарот за донација. Лицата за испорака на услуги беа ангажирани за шест месеци, имаа четиричасовно работно време, плата од бруто износ од девет илјади денари. Образовните асистенти работеа девет месеци, а сите имаа можност да се стекнат со сертификат за соодветниот профил – соопшти Аника Илијевска Ѓорѓиева, координаторка на проектот.

Сертификатите ги врачи Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани, кој се заблагодари за помошта во подобрувањето на квалитетот на живот на ранливите категории граѓани, истакнувајќи ја можноста обучените лица да бидат конкурентни на пазарот на трудот.

Општина Кочани седум години е дел од програмата Општинско корисна работа, којашто е финансирана од страна на УНДП, а поддржана од Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување. Во периодот од 2014 до 2021 година преку оваа Програма беа ангажирани вкупно 77 даватели на услуга во различни услужни дејности, а беа опслужени илјадници корисници од различни целни групи.