Деновиве, жители на улицата „Митко Беќарски“ во Кочани спроведоа акција за расчистување на нивната непосредна околина, загадена со различен комунален и градежен отпад.

По иницијатива на општинскиот комунален инспектор и комунален редар и опомената за несовесно постапување и третман на отпадот, граѓани од Ромското Маало го собраа сметот и го подготвија за транспорт на Градската депонија, која е единствено место за одлагање на отпадот.

Според комуналниот инспектор ова е позитивен пример за однесување кон животната средина, којшто треба да се следи и да се создава навика за зачувување на јавната чистота. Создавањето на дивите депонии ја нагрдува општата слика на општината и на природата и претставува извор на зараза за околината.

Претстојниот период Општина Кочани во координација со КЈП „Водовод“ и во соработка со месното население ќе спроведе комплексна акција за лоцирање и за расчистување на дивите депонии во градот и во населените места.