Во Градскиот парк во Кочани, Скопското астрономско друштво овозможи набљудување на Месечината со телескоп.

Граѓани на различна возраст го погледнаа одблизу природниот сателит на Земјата.

–  Имавме идеја да ги покажеме небесните тела, но во овој период може да се види само Месечината. Сега сме два-три дена пред полна Месечина и многу убаво можат да се видат кратери – истакна Радан Митровиќ, член на Скопското астрономско друштво.

Активноста е своевидна најава за содржините од програмата за млади „Лето во друштво“, којашто ќе трае од 11 до 23 август, во организација на ЦПКА-Малинска, Општина Кочани, Локалниот младински совет – Кочани и Сапорт Кочани.