– Специфичната состојба во која се најдoвме, оваа година го спречи одржувањето на фестивалот на Петровден и учеството на гости од странство. По олабавувањето на мерките, почитувајќи ги сите протоколи за заштита, решивме настанот да се одржи и да ја продолжиме традицијата на нашите предци. Иако не дојдоа голем број домашни музички групи и фолклорни ансамбли, како и учесниците од Албанија, Бугарија и други држави, сепак нашата група се претстави со дел од репертоарот на фолклорни песни и ора – истакна Ѓорѓи Николов, уметнички раководител на пејачката група „Грамостеањ“.
И годинава етнофестивалот на Пониква се организира со поддршка на Општина Кочани.
– За нас е многу важна културната, економската и другата соработка меѓу сите етнички групи во регионот и пошироко. Власите се познати како трудољубив народ, се занимавале со сточарство на Пониква, овде се собирале и се дружеле, разменувале искуства и познанства, а младите склучувале нови бракови. Сакаме оваа традиција да продолжи и се надеваме дека догодина на фестивалот ќе има поголем број учесници – истакна градоначалникот Илијев.
Традиционалниот влашки етнофестивал е дел од манифестацијата „Петровденски конаци“ што се одржува по повод верскиот празник посветен на свети Петар, заштитникот на Кочани.