Традиционално, на празникот Свети Никола, општествено одговорната компанија „Екопроект – КО“ на учениците од Подрачното основно училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Подлог им додели новогодишни пакетчиња. Претставниците на компанијата, градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов и директорката на КЈП „Водовод“ Кристина Финдачка, беа пречекани во предновогодишен амбиент и поздравени со училишна приредба.
Команијата „Екопроект – КО“ го најави почетокот на проектот „Со граѓаните за граѓаните“, со кој ќе се селектира и ќе се собира отпадот од пакување.
Со овој проект отпадната амбалажа од пластика и хартија ќе се селектира и ќе се собира од страна на граѓаните од улиците „Скопска“ и „Охридска“, кои за таа цел ќе добијат садови за селекција. Едновремено, на неколку локации на јавни површини ќе бидат поставени контејнери за пластика и за хартија.
– Проектот е по наша иницијатива, во соработка со Општина Кочани и КЈП „Водовод“ и со поддршка од Министерството за животна средина, а целта е да го намалиме загадувањето на животната средина, но и да влијаеме на подигањето на јавната свест за значењето на селекцијата на отпадот – истакна Билјана Митева од „Екопроект – КО“.
Од тримесечниот пилот-период ќе се направат анализи со коишто ќе се утврди успешноста на проектот и ќе ги определат следните правци за дејствување.