Тимот роботичари „Робо адвенчрс“ при СОУ „Св. Кирил и Методиј“ од Кочани во финалето на меѓународниот натпревар Адриа од Првата Лего лига, што се одржа во Целје, Република Словенија, го освои пехарот „Успеавме“ како тим кој има и сподели специјална приказна. Учениците од Кочани работеа на проект за автоматизирано роботско чистење на вселената од вселенски отпадоци.
Градоначалникот Николчо Илијев денеска го посети училиштето и го поздрави успехот на деветтемина ученици и нивните тренери Наде Давиткова и Сузана Анева и им го честита постигнатиот резултат, посакувајќи им наскоро да излезат на светската натпреварувачка сцена.
– Задоволни сме од успехот што го постигнавме, покрај тоа што имавме многу послаба опрема од другите учесници, со многу труд и силна волја, покажавме дека може да се победи. Клучни за нашиот успех беа добрата координација и тимската работа, изјавија Анатасија Додевска и Андреј Давитков од тимот „Робо адвенчрс“.
– Во многу силна конкуренција од 30 тимови од Словенија, Хрватска, Србија и Македонија се закитивме со пехар. Покажавме и докажавме дека и со тешкотии, ако не се откажеме, лесно може да се надминат сите предизвици. Натпреварот беше организиран на многу високо ниво и чест ни е што бевме дел од него. Екипата освои пехар, но и едно големо искуство, нови пријателства и секако, се вратија дома со нова мотивација и инспирација за уште поголеми успеси – рече Сузана Анева, една од менторките на екипата.