Езерото Гратче се наоѓа на околу 6 километри северно од Кочани. Изградбата на оваа вештачка акумулација започнала во почеток на 1958 година, на местото Светочки Скали. Непосредниот слив на езерото е изграден од шкрилци, а со таков состав е и самата долина во која тоа лежи. Токму ваквиот геолошки состав бил причина да се пристапи кон градбата на вештачката акумулација.
Браната е од армиран бетон, со висина од 29 м. Должината по нејзината круна е 145 м, а ширината е 0,80 м, а ширината во основата е 6 м. Акумулацијата е долга 2,5 км, а широка 150-200 м. Најголемата длабочина е 29 м во јужниот дел на езерото, близу браната.
Езерото се снабдува со вода од Голема и Мала Река. Овие реки пред градбата на браната се составувале во северниот дел на денешното езеро, под ридот Кале, каде што се формира Кочанска Река. Од атмосферските врнежи, во текот на една година езерото Гратче добива просечно 383.000 м3 вода. Целокупната зафатнина на вода во браната Гратче изнесува 2.250.000 м3. Водата од вештачкото езеро служи за наводнување и за индустриски цели.
Езерото Гратче лежи на надморска височина од 467 м и има издолжен облик со ориентација север-југ. Тоа е сместено во извонредно живописна клисура со мошне атрактивна околина и бујна вегетација. Одличниот природен амбиент се користи за одмор, рекреација и риболов. Со градот Кочани езерото е поврзано со убав асфалтен пат. На севрената страна на езерото, се наоѓа археолошкиот локалитет Долно Градиште.
Езерото Гратче е познат туристичко-рекреативен центар со хотел и два угостителски објекта. Релацијата од Кочани до езерото Гратче е омилена пешачко-рекреативна зона за кочанци.