Со цел да се намалат директните контакти, како превенција од коронавирусот, Општина Кочани им препорачува на граѓаните да претпочитаат електронска и телефонска комуникација со општинските служби.
Општина Кочани со сите сектори и одделенија работи нормално, а комуникацијата се одвива непречено и преку Едношалтерската канцеларија, до која има еден приод за граѓаните. На службениот влез на Општина Кочани, задолжителна е употребата на средство за дезинфекција.
Одговорните од Општина Кочани упатуваат апел до такси-превозниците и возачите во јавниот превоз да носат заштитни маски и ракавици и редовно да вршат дезинфенција на возилата.
Почитувајќи го заклучокот од Шеснаесеттатата седница на Владата, за прекин на работата на библиотеките, Јавната општинска установа библиотека „Искра“ нема да работи до 25 март 2020 г.
На подрачјето на Кочани доследно се применуваат заклучоците, мерките и препораките на Владата на Република Северна Македонија за заштита од болеста COVID-19. Сите објекти на Детската градинка „Павлина Велјанова“, основните и двете средни училишта се затворени, а дежурните служби им издаваат потврди на родителите кои се ослободени од работните обврски, доколку имаат дете до 10-годишна возраст. Центарот за култура „Бели мугри“ ги одложи културните настани, а прекинати се и пробите на кочанските ансамбли и фолклорни состави, како и вонучилишните активности.