Во организација на влашката пејачка група „Грамостеањ“ од Скопје,а со финансиска поддршка на Општина Кочани, денеска, на рекреативниот центар „Пониква“ на Осоговските Планини се одржа 11. Меѓународен етнофестивал „За Петровден сите на планина“.
На фестивалот настапија стотина учесници од шест пејачки групи и фолклорни ансамбли на Власите од неколку градови од Македонија и од Албанија, како и десетина соло-изведувачи.
Иницијативата за организирање на оваа манифестација потекнува од желбата за зачувување на влашката култура и традиција.
Присутните гости ги поздрави градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, кој го истакна значењето на фестивалот од културен, етнички и туристички аспект.
– На Пониква порано имало преку 40 сточарски семејства кои престојувале во текот на летото, овде ги молзеле овците и ги правеле сирењето и кашкавалот, па го продавале низ Европа. Што е најбитно, овде младите си давале збор, се правеле веридби, а свадбите се планирале за преку зимата. Со овој фестивал настојуваме да се вратиме на корените, да ги зачуваме обичаите, песната, орото и културата на Власите, истакна Штерјо Николов од пејачката група „Грамостеањ“.