Библиотеката „Искра“ доби три компјутери и американска литература – донација од проекти реализирани со соработка на волонтерката Карен Сак и Ротари клубот Кочани – Виница.
– Денеска е значаен ден за Библиотека „Искра“, бидејќи имаме две успешни донации кои произлегуваат од соработката со две различни организации. За „Искра“ обезбедивме три компјутери и 42 книги на англиски јазик. Среќни сме што овие ресурси сега можат да се користат овде – рече Карен Сак, волонтерка на Мировниот корпус.
Поддршката во оваа донација дојде со соработката на Ротари клубот Кочани – Виница со американскиот Ротари клуб Арката санрајс. Зоран Тодоров од кочанскиот Ротари истакна дека клубот ги поддржува сите проекти коишто донесуваат опрема за Библиотеката „Искра“ и дека ќе се залагаат таквата практика да продолжи и понатаму.
Во името на вработените и на корисниците на библиотечните услуги, благодарност за донацијата изрази директорката Сузана Ѓорѓиева.