Со доделувањето на уверенијата на новиот градоначалник на Општина Кочани, Николчо Илијев и на деветнаесетте членови на Советот на Општината, започна новиот мандат на локалната власт.

Врачувајќи им ги уверенијата, претседателката на Општинската изборна комисија – Кочани, Марија Гоцева истакна дека на Локалните избори 2017 вкупно 20 827 жители со право на глас им ја дале довербата за раководење на општината во наредните четири години и им посака успешна и конструктивна работа.

– Им честитам на граѓаните и им благодарам што покажаа голем демократски капацитет и на слободни и фер избори јасно ја искажаа својата волја. Тоа покажува дека тие од нас очекуваат резултати. Работењето нема да биде лесно и едноставно бидејќи од она што го видов за време на кампањата знам дека има многу нешта коишто граѓаните очекуваат да бидат направени и поправени. Сите проблеми не можат наеднаш да се решат, но граѓаните ќе ги даваат приоритетите, а ние ќе ги решаваме. Очекувам коректна соработка со Советот, затоа што ние сме овде да создадеме услови за подобар живот на граѓаните на Кочани. Како градоначалник ќе бидам крајно транспарентен и отворен и подготвен за соработка во секој дел – изјави Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

Во наредниот мандат, мнозинството од десет советници во Советот го има СДСМ и коалицијата, осум советници се од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и еден советник е од независна листа.

Според најавите на општинската администрација, конститутивната седница на Советот на Општина Кочани ќе се одржи на почетокот на ноември.