Денеска беа доделени потврдите за работниот ангажман на пет лица во проектот „Чекор кон ближниот“ од Програмата за општинско-корисна работа што се реализираше во Кочани.
– Овојпат во проектот беа ангажирани пет лица во три различни области: центар за донации, народна кујна и услуги во домашни услови. Целта е лицата што се ангажираат за давање услуги да им се подобри животниот стандард и да бидат поконкурентни на пазарот, а едновремено да им се помогне и на ранливите групи од локалната заедница – изјави координаторката на проектот, Аника Илијевска Ѓорѓиева.
Проектот се реализираше шест месеци – од септември минатата година до март оваа година, а на ангажираните им се исплатуваат средства од 6 200 денари од кои се уплатува и персонален данок и осигурување – за ангажман од четири часа дневно. За реализација на проектот беа одобрени средства во износ од 186.000 денари.
Програмата Општинско-корисна работа, којашто е финансирана од УНДП со поддршка на Министерството за труд и социјална политика се реализира трета година по ред во Кочани, а Општина Кочани ја спроведува во соработка со Центарот за социјални работи, Агенцијата за вработување и Здружението „Благородна мисија“ од Кочани.