Со цел да повикаат на поголемо внимание во сообраќајот, а по повод Неделата на сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди, Општинскиот совет за безбедност во патниот сообраќај и Полициската станица од општа надлежност во Кочани организираа дефиле на велосипедисти, пешаци и други учесници во сообраќајот.
Учесниците во дефилето носеа табли со кратки пораки, правејќи круг во централното градско подрачје, на релацијата од Плоштадот преку мостот кај Шопинг-центарот до појдовното место.
– Со ова дефиле сакаме да го свртиме вниманието на сите учесници во сообраќајот да се придржуваат кон сообраќајните правила и прописи и да дадат свој придонес за безбедно одвивање на сообраќајот. Пораката што сакаме да ја пратиме со ова дефиле е дека сечиј живот е бесценет и да не дозволиме со мало невнимание или наша неодговорност некому да му предизвикаме семејна трагедија – изјави членот на Општинскиот совет за безбедност во патниот сообраќај, Кире Атанасов.
Според податоците од Полициската сатница – Кочани, генерално бројот на сообраќајни незгоди што се случиле оваа година е како ланскиот, но тенденција на надлежните е тој да се намали.