В среда, на 27 ноември 2019 г., најмладите сограѓани згрижени во објектот „Ѕвездички“ на Детската градинка „Павлина Велјанова“ ќе се вклучат во акцијата за пошумување што ја организира Градинката во соработка со Општина Кочани и Комуналното јавно претпријатие „Водовод“.

Децата од големата група ќе засадат млади туи, брези и гинко билоба во кругот на објектот, со обврска да се грижат и да ги одгледуваат садниците при растењето.

Директорката  Едита Миткова информира дека со оваа акција сакаат на децата да им го потенцираат значењето и улогата на пошумувањето и одржувањето на садниците за здравата животна средина и дека акцијата е корисна за стекнување позитивни навики кај најмладите.

Истовремено, оваа акција е дел и од проектот „Екоградини во детските градинки“ што се реализира во Детската градинка „Павлина Велјанова“ преку програмата „Еразмус плус“, со која децата практично се едуцираат за органско производство.

Акцијата за пошумување во објектот „Ѕвездички“ ќе започне во 12 ч.