Јавната општинска установа детска градинка „Павлина Велјанова“ денеска официјално го започна новиот проект „Учење во природа“, поддржан со финансиски средства од програмата Еразмус плус на Европската Унија.

Вработените во кочанската градинка и децата од 4 до 6-годишна возраст ќе ги реализираат планираните активности со проектни партнери од детски градинки од Чешка и Турција и од основно училиште од Полска.

Целта на проектот е да даде позитивен придонес кон менталниот, физичкиот, емоционалниот и социјалниот развој на детето преку учење во природа, односно децата да станат свесни за климатските промени и зачувување на околината преку физички активности и тимска работа.

Почетокот на проектот го поздрави градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов, кој истакна дека Локалната самоуправа секогаш ќе биде поддршка секогаш за вакви проекти со далекусежно значење за генерациите.

– Со брзиот развој на дигитализацијата во последниве години, движењето на децата во природа, а со тоа и  нивната имагинација, креативност и развој се ограничени, затоа сметам дека овие проектни активности ќе ги приближат децата кон играта и престојот и учењето во природа – истакна градоначалникот Папазов.

Почетокот на проектот го поздрави и пратеникот во Собранието на РС Македонија Миле Лефков.

Во рамките на проектот, а во знакот на одбележувањето на Националниот ден на дрвото во Турција, во дворот на објектот „Цветови“ беше засадена млада јаболкница.

Проектните активности во Кочани ќе се реализираат до крајот на оваа работна седмица.