Реконструкцијата на Градскиот парк добива на динамика. Деновиве активностите се насочени кон средување на целокупната инсталација која ќе биде подземна. Се врши вкопување на телефонската и електричната мрежа, а за наводнување на зеленилото ќе се  вгради водоводен систем „капка по капка“. Претставници од надлежните служби го решаваат и напојувањето со струја за сите нови елементи предвидени со проектот за парковско уредување.

Паркот наликува на градилиште и почнува да го менува изгледот, особено со дислокацијата на бистите на Љупчо Сантов и Раде Кратовче, за кои е изграден нов постамент што ќе го замени постојниот, кој стручните служби го оценија како дотрајан и со уништена мермерна облога. Бистите на кочанските првоборци ќе бидат исчистени и поставени на источната страна од влезот на Центарот за култура „Бели мугри“, со што ќе се отвори нов сценски простор пред културната институција.

Во тек се работите за подземниот дел на фонтаната што ќе се најде во централниот дел од паркот. Со гранитни нелизгави плочки ќе биде поплочена површина од 5420 квадратни метри, на потегот од мостот кај Шопинг-центарот кон „Пролет“, сѐ до Двојниот мост.

Паркот ќе добие современо обликувана урбана опрема и информативно пано со мултимедијален екран. Бетонското гледалиште од северната страна на Центарот за култура „Бели мугри“ ќе се отстрани, а ќе се уреди и постојниот паркинг во непосредната близина.

Со реконструкцијата на Градскиот парк ќе се оформи осмислен простор како шеталиште, кое во себе ќе има привлечни содржини и ќе нуди различни можности за посетителите.

Изведувач на градежните работи е „Исток мермер“, а рокот за градба е шест месеци.