Пазарниот ден во Кочани, по олабавувањето на мерките за заштита од КОВИД-19, ги врати излагачите на стока за широка потрошувачка на тезги на улицата „Гоце Делчев“, но само на тротоарот откај Кочанска Река.
Одговорните од КЈП „Водовод“ ги обележаа местата за тезги, кои според одлуката на на Општинскиот кризен штаб треба максимално да бидат долги 4 метри, со растојание од 2 метра меѓу нив.
На последната седница, Општинскиот кризен штаб донесе одлука за организирање безбеден пазар, на кој ќе се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот и од продавачите и од купувачите. Оваа одлука се базираше на Одлуката на Советот на Општина Кочани од 2008 година, за поставување тезги и на улицата „Гоце Делчев“, но, во актуелните услови само на тротоарот откај реката, при што меѓу тезгите е потребно да има пропишано растојание.
Кризниот штаб вчера констатираше дека во овој момент нема активно заболено лице од коронавирус во Кочанско, состојба што радува, но и обврзува да се почитуваат максимално сите мерки и препораки издадени од надлежните органи, со цел да превенира ширењето на коронавирусот.
Со одлука на Владата од денеска започнаа со работа и угостителските објекти за исхрана и кафетериите кои треба да работат според протоколи и засилени мерки за заштита кои се однесуваат на зголемено ниво на хигиена.
Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев повикува безусловно да се почитуваат мерките за заштита на здравјето, кои се предуслов за нормализирање на состојбата. Спротивно, со непочитување на мерките се ризикува повторно враќање на рестрикции и строги мерки за заштита од КОВИД-19.