Со цел да се истакне значењето на развојот на Пониква за регионот, градоначалници од Источниот плански регион синоќа го посетија зимскиот рекреативен центар и им се придружија на љубителите на ноќното скијање.

Градоначалникот на Кочани и претседател на ИПР, Николчо Илијев соопшти дека се размислува за заедничка стратегија за развој на туризмот со поширок опфат при што би се направило поврзување на планинскиот, геотермалниот и руралниот туристички потенцијал на регионот, стратегија којашто би добила поддршка од централната власт.

– Покрај усогласувањето на урбанистичките планови за Пониква, во  Општина Кочани е започната постапка за измена на планските документи за заинтересираните инвеститори во спа-туризмот. Општината е позната по геотермалниот потенцијал и наша намера е да направиме спој на капацитетите за зимски и бањски туризам, според искуствата на слични центри, меѓу кои најдбар пример е соседна Бугарија,  соопшти градоначалникот на Кочани.

Илијев ги истакна потенцијалите за скијање на Царев Врв, за што е изработена и студија во која се предвидени скијачки патеки од 16 километри, неколку ски-лифта и други инфраструктурни услови.

– Досега имавме повеќе средби на кои договаравме како заеднички со Владата да направиме што подобри услови на Пониква за да привлечеме гости од целата држава. Иако во моментот има доволно природен снег, сепак правиме напори за повторно оспособување на топовите за вештачки снег со што максимално ќе се искористат условите за скијање. Како општина, ние направивме измена на деталниот урбанистички план за пробиштипскиот дел од планината, и предвидовме парцели за четири објекти за хотелско сместување за чија изградба има голем интерес, истакна Драган Анастасов, градоначалник на Пробиштип.