На петтата, последна седница на Советот на Општина Кочани за оваа календарска година, градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов даде осврт за работењето во краткиот период откако ја извршува највисоката локална функција.
Поздравувајќи ја конструктувноста во донесувањето на Буџетот на Општина Кочани за 2022, Папазов истакна дека и во наредната година капиталните расходи ќе доминираат над тековно-оперативните, што е показател за развој на општината.
– Сметам дека многу поважна е самата реализација на Буџетот, а ако има потреба ќе правиме ребаланс во текот на годината. Потребно е општинските служби да работат ревносно на прибирање на средствата што го полнат буџетот. Општина Кочани има капацитет за задолжување за 70 милиони денари. Условот е да креираме проекти што ќе го полнат буџетот и ќе овозможат развој. За реализација на програмите и плановите, мошне важна е работата на Советот кој треба да ги препознае сензитивните моменти и да донесува одлуки во интерес на граѓаните – истакна градоначалникот Папазов пред Советот.
Во неполн месец од работата со физичко присуство и ангажман во Општината, Папазов ги наброја проектите во чија реализација имал можност да учествува: реконструкцијата на Градскиот парк, замена на главниот потисен цевковод за водоснабдување од Грдовски Орман до Клучка 1, изградбата на водоводот и санитарната мрежа во Тркање, асфалтирање на неколку улици во градот и изградба на улици во Ромското Маало.
Градоначалникот ја истакна заложбата за натамошна поддршката на студентите со стипендии; повика на поголема интерактивност преку алатките за комуникација со кои располага Општината, меѓу кои е и апликацијата „мЗаедница“; а го истакна и претстојниот проект за дигитализација на работата на Локалната самоуправа во шест компоненти, којшто значајно ќе придонесе во подигањето на капацитетите на услугите кон граѓаните.
На крајот, градоначалникот им посака на сите членови на Советот и на сите граѓани, добро здравје, успеси и многу повеќе радост и успешна соработка во Новата 2022 година.