Прогласувањето на дел од Осоговските Планини за заштитено подрачје од категоријата V – заштитен предел, целосно ќе ја менува состојбата на терен. Со цел да се детектираат проблемите и да се најдат решенија, ќе се зајакнува соработката со сите чинители. Во таа насока, денеска на Пониква, градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев и директорката на ЈП Национални шуми Маре Басова одржаа средба со сопствениците на угостителски објекти на Пониква.

На средбата беше истакнато дека една од основните претстојни задачи е прилагодување кон законската регулатива за зачувување на биолошките и културните вредности за заштитени зони. Тоа ќе значи исполнување на обврските за заштита на пределската разновидност и биодиверзитет и искористување на огромниот потенцијал за развој на локалната економија, односно одржливо управување со природните ресурси.

– Потребно е ова заштитено подрачје да го направиме да биде препознатливо. Се работи на план за управување, во кој доминантно место ќе има туризмот. Во моментот работиме на обележување на подрачјето, со унифицирани патокази и знаци. Ние даваме предлози, формираме ренџерска служба и сакаме да ги детектираме сите излегувања надвор од законските рамки, да бидат забележувани. Има многу работи што треба да се поправат. Јавното претпријатие треба да го смени имиџот и да се грижи за природата – истакна директорката Басова.

Градоначалникот Илијев повика на однесување според законските прописи и оправданост на инвестициите.

– Развојот на Пониква е во фокусот на Локалната самоуправа. Ги реконструиравме патот и ски-лифтовите, градиме планинарски дом, велосипедски патеки. Имаме проект за водоснабдување и за канализација. Има уште многу прашања, многу работа, ама резултат ќе има само ако придобивките ги гледаме и како општ развој – истакна Илијев.

Согласно Законот за заштита на природата, развојот на туризмот на Пониква ќе треба да оди рака под рака со заштитата на природата. Самиот бренд ќе носи повеќе инвестиции, а бизнис-секторот ќе има поголема поддршка во европските фондови. Заради одржување редовна комуникација со сите чинители од заштитеното подрачје, сопствениците на угостителски објекти на Пониква делегираа свој претставник во телата на заштитеното подрачје.