Локалниот бизнис-сектор е важен двигател на општествениот прогрес и неговите мислења се релевантни во процесот на креирањето на најважниот документ во работењето на единицата на локалната самоуправа, општинскиот буџет.
Од тие причини, градоначалникот Николчо Илијев заедно со раководители од Општина Кочани реализираше средба со кочанските стопанственици на која беа разменети мислења за состојбите и потребите на оваа целна група, како и за можностите и предизвиците за нивно решавање и подобрување.
Со менаџери, управители и сопственици на поголемите компании во општината се разговараше на теми од јавен интерес од локално значење: инфраструктура, урбанистичко планирање, комунално уредување, образование, животна средина, локален развој.
– Наша цел е да ги слушнеме потребите на стопанските субјекти, како во индустриските зони во кои тие работат, така и во поширокиот регион, за да можеме што поголем дел од нив да вградиме во Буџетот за 2020 година. Сакаме што посоодветно и навреме да одговориме на нивните барања и да создадеме услови за подинамичен развој. Тоа е од обостран интерес на двете страни, и на локалната власт и на бизнис-секторот, а на крајот да се сведе во корист на сите граѓани, истакна градоначалникот Илијев.
Стопанствениците побараа Општината да издвои повеќе средства за да се забрза изработката на детални урбанистички планови и архитектонско-урбанистички проекти, да се заокружи инфраструктурата за развој на туризмот и да се даде приоритет на заштитата на животната средина.
– За нас голем проблем е одливот на работоспособно население, поради што локалната власт со поддршка од централната треба да работи на подобрување на условите за живот за да се задржат младите семејства. Исто така, меѓу приоритетите треба да биде заштитата на животната средина, а надлежните институции да немаат никаква толеранција кон загадувачите, истакна Сашко Наков, менаџер на компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“.
Присутните на средбата побараа да се продолжи со изградбата на инфраструктурата за развој на руралниот и на алтернативниот туризам, како и да се интензивираат активностите за проектна докуементација во централното градско подрачје каде бизнис-секторот е заинтересиран да инвестира во изградбата на станбени и деловно-административни објекти.