0.3.2018 г.
Со цел да се разменат информации за финансиската состојба, потребите за реализација на проекти и за тековните и претстојните наставни и воннаставни активности во основните и во средните училишта во Кочани, градоначалникот Николчо Илијев денеска одржа работен состанок со директорите.
На средбата беше истакната потребата од концизно дефинирање и подготовка на документација за проектите чија реализација е со приоритет.
Во најголем дел од училиштата, потребна е санација на санитарните јазли. Состојбата е најкритична во ОУ „Крсте Мисирков“ и во СОУ „Љупчо Сантов“, но не е за потценување потребата и во другите училишни објекти. Поголеми градежни зафати во смисла на промена на кровната конструкција беа истакнати кај училиштата „Гошо Викентиев“, „Никола Карев“ и „Ристо Јуруков“. Во системите на загревање, пак, треба да се интервенира во „Раде Кратовче“ и „Никола Карев“.
Според градоначалникот Илијев, претстојниот период треба да биде проектно-подготвителен, за да може, секаде каде што дозволуваат условите и финансиските средства, да се работи во текот на летниот распуст.
На состанокот беа дефинирани датумите за организирање на неколку манифестации и настани поврзани со ученички активности. Априлијадата, во која се вклучени учениците од прво до петто одделение ќе се одржи на 30 март, на Летната сцена на Центарот за култура „Бели мугри“ и Пролетниот крос, в сабота на 14 април.
Во врска со предлогот за избор на најдобар учител, што беше изнесен во јавноста на седница на Советот на Општина Кочани, секое од училиштата во наредниот период треба да достави предлог-критериуми како појдовна основа за овој избор.