За да ја согледа изворно состојбата на теренот и почитувањето на забраната за движење во текот на викендот, градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, како претседател на Општинскиот кризен штаб ги посети дежурните полициски служби.

Од кочанското Одделение за внатрешни работи информираа дека граѓаните, главно, ја почитуваат мерката за движење, но има и  прекршувања, за што ќе следат санкции. Зголемен е бројот на имотни деликти, а на земјоделските површини е забележано палење на стрништата.

– На сите граѓани што се придржуваат кон мерките за заштита од ширење на болеста КОВИД-19 им благодарам за одговорноста и придонесот за чување на јавното здравје. Ги повикувам земјоделците да не ги палат остатоците од оризовата слама, да не ја загадуваат животната средина и со палењето да не ја усложнуваат и онака комплицираната состојба – повика Илијев.

Градоначалникот ја нагласи и критичната состојба во која се доведува испораката на водата за пиење од системот за водоснабдување.

– КЈП „Водовод“ испорачува вода за пиење, а не техничка вода. Викендов е регистирана енормна потрошувачка на водата од Градскиот водовод за наводнување тревници, миење дворови и за други намени. Затоа апелирам таа да се користи рационално за да се избегнат рестрикциите во оваа вонредна состојба – истакна градоначалникот.

Илијев повика сите граѓани да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот и да се однесуваат одговорно.