По повод Денот на Црвениот крст и на крводарителството во Република Македонија, крводарители и волонтери од Општинската организација на Црвениот крст – Кочани се сретнаа со градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски.
На средбата беа разменети мислења за состојбите во крводарителството во Кочани, при што беше потенцирано дека единиците на крв што ги собира кочанскиот Црвен крст ги задоволуваат потребите на локалната заедница.
Според Анета Коцева, секретар на Црвениот крст во Кочани, ваквите посети кај градоначалниците на Кочани, Зрновци и на Чешиново-Облешево, како и средбите со директорите на двете средни училишта во Кочани имаат за цел да ги мобилизираат и да ги поддржат младите во крводарителството.
Коцева истакна дека моментно во Кочани има петмина крводарители коишто дарувале крв повеќе од стопати, а минатата година Општинската организација на Црвениот крст организирала 23 крводарителски акции и планот за крводарување е реализиран со околу 90 проценти.