Во рамките на одбележувањето на Петровден, празникот на Кочани, градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов приреди прием за првенците на генерацијата од основните и од средните училишта и за учениците што освоиле прво место на државните или прво, второ и трето место на меѓународните акредитирани натпревари.
Честитајќи им ги постигнатите резултати, градоначалникот Грозданов ги повика учениците да продолжат да посветуваат труд, да учат и да се залагаат да бидат најдобри.
Првенците на генерација: Климент Филипов (ОУ „Никола Карев“ и ОМУ „Ристо Јуруков“), Бисера Стоилова (ОУ „Крсте Петков Мисирков“ – Оризари), Драгана Јаневски (ОУ „Св. Кирил и Методиј“), Стефан Крстев (ОУ „Раде Кратовче“), Елена Ефтимова (ОУ „Малина Попиванова“), Матеа Саздова (СОУ „Гошо Викентиев“) и Иван Георгиев (СОУ „Љупчо Сантов“) – за постигнати високи резултати во наставата, вон наставата, успеси на натпревари и за афирмирање на Општина Кочани добија парична награда од 20 илјади денари.
Кристијан Постолов (СОУ ,,Гошо Викентиев“), Бранкица Диванисова (ОУ „Никола Карев“), Стефан Петров, Филип Мијалков, Јована Стојанова (ОУ „Св. Кирил и Методиј“), Матеј Постолов (ОУ „Малина Попиванова“), Теодора Захариева, Бјанка Димов и Климент Филипов (ОМУ „Ристо Јуруков“) и хорот при ОУ,,Св. Кирил и Методиј“, кои освоија награди на натпревари, добија парична награда во износ од 6 илјади денари.
За успешно завршената учебна 2025/2026 година Општина Кочани додели благодарници на училиштата, за сите останати ученици и наставници за учество на натпревари со освоени многу други места, награди и признанија како и за успешна работа на проекти.























