В сабота, на 28 март, со почеток во 12 ч., под покровителство на Општина Кочани, а во организација на познати кочански вљубеници во зимските спортови, на Спортско-рекреативниот центар „Пониква“ ќе се одржи вториот Осоговски велеслалом.

На патеката број 3, во повеќе категории во машка и женска конкуренција ќе се натпреваруваат учесници на различна возраст. Се очекува да настапат скијачи од Кочани, Штип, Кавадарци, Битола и други градови од државата.

За најуспешните натпреварувачи Општина Кочани обезбедува медали и дипломи, а организаторите, локалните угостителски објекти и спонзорите за сите посетители ќе обезбедат закуска.

Со овој настан туристичките работници и Општина Кочани настојуваат да ги прикажат можностите и убавините на Осоговските Планини.