Ова беше соопштено на прес-конференцијата што денеска ја одржаа градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов и претставничките од Организацискиот одбор на манифестацијата Аника Илијевска Ѓорѓиева и Ивана Карова Коцева.
В петок, на 27 септември во Градскиот парк во Кочани ќе се одржи Изборот на жетварска убавица, концертот на Каролина Гочева и доцна во вечерните часови – забава со диџеј.
На 28 септември е Ликовната изложба „Св. Пантелејмон“, дефилето на здруженија и институции, како и меѓународниот фолклорен концерт на кој ќе настапат гостинските ансамбли.
Обичаите зажнејување и вршидба годинава се во Оризари, каде Здружението на пензионери – Кочани од Оризари со песни, благослови и здравица ќе го означи почетокот на оризовата жетва. Прогласувањето на најуспешниот оризопроизводител ќе биде проследено со богата културно-уметничка програма кај црквата „Свети Атанасиј“ во Оризари. Ќе настапат групата „Мелем“, оркестарот на традициски инструменти при ОМУ „Ристо Јуруков“, ФА „Љупчо Сантов“ и Дамјан Стојаноски. Настанот ќе биде проследен со презентација и дегустација на традиционални јадења од ориз, изложбени и продажни штандови. АРМ ќе готви сутлијаш и селско месо, гостите од Црна Гора ќе подготват рибина чорба, а домаќинките од Оризари – мекици.
Општина Кочани упати благодарност до триесетина општествено-одговорни компании коишто годинава го помогнаа одржувањето на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“.