На прес-конференција што ја одржа пред Основното јавно обвинителство во Кочани, в. д. градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски соопшти дека поднесува кривична пријава за узурпација на јавна површина и бесправна градба против угостители коишто ја загрозуваат безбедноста на граѓаните.

– Три месеци по трагедијата во клубот „Пулс“ сѐ уште има угостителски објекти во Кочани кои работат спротивно на законските прописи и стандарди загрозувајќи ја безбедноста на граѓаните, а нивните сопственици не преземаат мерки тоа да се промени и спречи, поради што поднесувам кривична пријава – истакна в.д. градоначалникот на Кочани Венко Крстевски.

– Со жалење можам да констатирам дека на угостителите кои работат нерегуларно и незаконски поважен им е личниот профит, отколку безбедноста и здравјето на граѓаните. Загрозени се жителите во тие згради, но и посетителите на нивните објекти. И тоа нема да го толерирам затоа што ова е најтешкиот период во поновата историја на Кочани. Не смееме да замижиме по огромната несреќа и да дозволиме институциите сѐ уште да не функционираат. Поради тоа поднесувам кривична пријава против угостители и се надевам на брза и ефикасна реакција од страна на Обвинителството за да не ни се случи „Пулс 2“ – нагласи в. д. градоначалникот.

Крстевски соопшти дека е даден налог до општинската инспекторка за животна средина да ги провери сите елаборати на угостителските објекти.

– Ги прашувам надлежните институции како што е Државниот пазарен инспекторат, дали се прават контроли и зошто се толерира работењето во дивоградби; како Агенцијата за храна и ветеринарство издала ХАСАП-дозвола за објекти што подготвуваат храна ако кујните им се дивоградби и имаат броила за струја што се во непосредна близина на фритезите? Како е можно во тие објекти да има легален приклучок на електричната мрежа и да се прават елаборати што не се соодветни со реалната состојба, слично како во „Пулс“ –  праша Крстевски.

В. д. градоначалникот информираше дека во прилог на кривичната пријава се документи како пример од судската практика за слична постапка со која се отстранети објекти во други општини.