Корисниците на комунални услуги во Кочани кои имаат заостанати неплатени сметки ќе бидат ослободени од каматата, ако обврските целосно ги платат до 20 декември годинава.
Таква одлука донесе Управниот одбор на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ и таа се однесува на сите физички и правни лица, без разлика дали за неплатените долгови добиле тужба или побарувањата се во редовна процедура.
– Целта е да им овозможиме на поголем број граѓани да го избегнат дополнителното финансиско оптоварување со плаќање на каматата. Одлуката е во интерес и на нашето комунално претпријатие бидејќи очекуваме таа да придонесе за подобрување на финансиската состојба со зголемувањето на наплатата на сметките за потрошена вода, ѓубрарина и за другите ставки, вели Андреј Киров, директор на „Водовод“.
Ослободувањето од камата за заостанатите сметки не се однесува на органите на државната и локалната власт, како и за другите државни органи основани согласно Уставот и со закон. Исто така, не се вклучени и институциите кои вршат дејности од јавен интерес утврден со закон, а се организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија, чиј основач е државата или Општина Кочани.
Според евиденцијата на „Водовод“, со поголем број неплатени сметки се соочуваат домаќинствата во однос на заостанатите обврски што ги имаат претпријатијата.