На неколку локации во Кочани во тек се градежни активности за изградба на улици.

Во централното градско подрачје механизацијата на изведувачот „Коле транс“ од Штип го подготвува теренот за изградба на новата коловозна лента на улицата „Стево Теодосиевски“, каде првично ќе се градат потпорни ѕидови. 

Во населбата Усова Чешма напредуваат работите на уличните краци од „Македонска“, „Кресненско востание“ и „Никола Парапунов“. Изградениот потпорен ѕид на улицата „Ване Грдовјански“ во должина од 125 м, овозможува асфалтирање и на оваа улица, која беше една од посложените за градба.

Во Белското Маало почна реконструкција и изградба на улицата „Димитрија Лазаров“ и нејзиниот приклучок.

Градежни активности доминираат на „Тодосија Паунов“. Во тек е рехабилитацијата на левиот коловоз со тротоарот, изградбата на кружниот тек кај Автобуската станица, но и подготвителните работи за кружен тек кај печатницата „Генекс“. Досега е изграден дел од потпорниот ѕид со висина над шест метри. Деновиве се ископуваат темелите за останатите потпорни ѕидови.

Поради градежните работи, одговорните апелираат учесниците во сообраќајот да бидат внимателни при движењето и да ја почитуваат сообраќајната сигнализација.