Напредува изградбата на новата детска градинка во Кочани. Паралелно со тековните градежните работи во надворешноста, Министерството за труд и социјална политика распиша повик за јавна набавка на опрема за ентериерно уредување на новиот објект што се гради во населбата Драчевик.

Градинката ќе се опремува со мебел, опрема за кујна, постелнина, внатрешно игралиште, реквизити, дидактички материјал  и завршни занаетски работи.

Со проектот за ентериер предвидено е да се постигне атмосфера во која децата ќе се чувствуваат пријатно, со асоцијативна форма  на куќички, аплицирани во дизајнот на мебелот. Проектираниот мебел е минималистички, со содржина според барањата на Правилникот за уредување на детски градинки и тоа според намените на просторот  за  физичка активност, катче за математика и истражување, катче за музичко и катче за ликовно воспитување, со многу слободен простор за играње во средишниот простор на занималните. Дел од опремата е предвидена како подвижна, како касетите за чување на играчки, кои служат и како столчиња обложени со перници, со цел да се овозможи слобода во организацијата на просторот за различни активности. Во две занимални, каде што просторната организација дозволува, предвидени се повеќенаменски игралишта составени од платформа на висина од 90 см до која се стигнува со скали, елемент за качување на ѕидот и тобоган.

Новата детска градинка има приземје и кат, со вкупна површина од 930 метри квадратни. Kапацитетот на градинката е за вкупно 114 деца. На приземјето се предвидени три занимални, а на катот две простории за јасли и една занимална. Тоа ќе биде отворен тип на градинка со можност за поширока комуникација меѓу децата и за поттикнување на нивната креативност.

Изградбата на новата детска градинка во населбата Драчевик во Кочани е во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги кој се реализира од страна на Министерството за труд и социјална политика со финансиска поддршка од Светска банка, со цел да се зголемат капацитетите за сместување на деца од претшколска возраст.

Според планираната динамика, се очекува градинката да биде завршена оваа пролет.