На потегот од завршницата на реконструираната улица „Страшо Ербапче“ кон Пониква во должина од 7,4 км се одвиваат активностите за рехабилитацијата на останатиот дел од сообраќајната врска меѓу Кочани и Пониква.
Горниот слој од коловозот е отстранет, обработени се најоштетените површини кои се пополнуваат, по што ќе биде поставен нов асфалтен слој. Проектот опфаќа и рабници, сливници за атмосферска вода и нови еластични огради.
За овој градежен зафат се наменети 41 милион и 600 илјади денари, средства од Јавното претпријатие за државни патишта.
Лани беше поправен најоштетениот дел од патот Пониква – Кочани. Градежните работи се реализираа на потегот од паркингот на Пониква кон градот, во должина од 10,4 км. Непосредно потоа беа реконструирани и 2,4 км од улицата „Страшо Ербапче“, од влезот во Кочани до клучката кај селото Бели.
Со целосната рехабилитација на патот Кочани – Пониква се решава едно од најзначајните инфраструктурни прашања за развој на туризмот – квалитетна сообраќајна поврзаност.
Паралелно со овој проект, на Пониква се реконструираат двата ски-лифта, се градат планинарски дом и две велосипедски патеки од Кочани до Пониква, а на повидок е реализација на брана на Арамиска Чешма, којашто ќе го реши водоснабдувањето на туристичкиот комплекс.
Се очекува сите овие проекти да ги зголемат туристичките потенцијали на Пониква и да придонесат за побрз развој на регионот.