Во чест и незаборав на трагично прекинатите животи во несреќата во „Пулс“ во Кочани, на 12 јули, во Центарот за култура „Бели мугри“ се одржа настанот „Во сеќавање на загинатите“.

Општина Кочани со поддршка од Општинската организација на Црвен крст – Кочани, оддаде почит на загинатите млади родум од Кочани, Оризари, Зрновци и Чешиново-Облешево, како и на возачот на Итната медицинска помош во Кочани, кој почина непосредно по извршувањето на работните обврски поврзани со трагедијата од 16 март 2025 г.

Во полната сала, низ стихови, фотографии и сеќавања на најблиските на загинатите беше искажана длабока почит и сочувство за огромната загуба. На присутните им се обрати претседателот на Друштвото на писатели на Македонија Живко Грозданоски, кој со цитати од книжевници говореше за смртта на ближните и животот на живите по неа. Настанот го водеше актерката Наталија Теодосиева.

Младинци, блиски на покојните пуштија 63 бели балони со имиња на сите загинати во пожарот во „Пулс“.