Синоќа во едно прекрасно, големо друштво, кај манастирот „Св. Пантелејмон“ беше реализирано набљудување на метеорскиот рој Персеиди.
Во рамките на програмата за млади „Лето во друштво“, организирана од Центарот за психосоцијална и кризна акција Малинска, со поддршка од Општина Кочани и Сапорт Кочани, младинци, но и деца и возрасни од Кочани и од околните општини учествуваа во една необична, магична ноќ под ѕвездено небо, набљудувајќи метеори и неколку болиди.
Членови на Скопското астрономско друштво им ја приближија астрономијата на учесниците во програмата, нивните пријатели и семејства, како и на сите останати што учествуваа на несекојдневниот настан.
Оваа содржина од програмата „Лето во друштво“ е реализирана како дополнителен поттик младите да гледаат кон небото, да се занимаваат со наука и да се приклучуваат кон разни друштва кои делат интереси, но и да создаваат свои друштва и иницијативи во кои ќе се пронаоѓаат и ќе создаваат заеднички моменти.
Изминативе два дена во програмата „Лето во друштво“ се реализираше фотографската работилница за цијанотипија, психолошки работилници, како и тимска олимпијада. Активностите продолжуваат со завршната работилница од серијата за цијанотипија и со работилницата на тема Токсични релации.