Во организација на Фолклорниот ансамбл „Љупчо Сантов“, од 2 до 5 мај во Оризари се одржа шестиот Меѓународен фолклорен фестивал „Ѓурѓовденски обичаи, песни и ора“.
– Чувањето на материјалното и духовното наследство, како што се песните, ората, обичаите, е чување на традиционалните и културните вредности. Организирајќи ја оваа манифестација, сите заедно даваме придонес кон тоа и ја пренесуваме традицијата на идните генерации – рече на отворањето на манифестацијата, градоначалникот Николчо Илијев.
Годинава за првпат, традиционалните ѓурѓовденски обичаи, биењето млеко, подготовката на масло, ѓурѓовденскиот зелник, покрај во Оризари, се прикажаа и во Зрновци.
На двата фолклорни концерта настапија ансамблите: „Бјела“ од Херцег Нови – Црна Гора, Македонското културно друштво „Кирил и Методиј“ од Крањ – Словенија, Танцовиот состав од Бобошево – Бугарија, „Никола Јонков Вапцаров“ од Делчево, „Кирил и Методи“ од Иловица, Босилево, како и кочанските фолклорни ансамбли „Кочани“, „Руен“ „Љупчо Сантов“ и „Мугри“.
Претседателот на ФА „Љупчо Сантов“, Александар Тошев, ја истакна соработката и поддршката на манифестацијата од локалното население. Според Тошев, вредните оризарки исукале и подариле 16 зелници и 30 литри биена матеница.
Проектот е финансиран од Министерството за култура на Република Македонија, Општина Кочани и од приватниот сектор.