Денеска во Општина Кочани, претставници од проектот за изградба на пречистителна станица одржаа работен состанок со градоначалникот Ратко Димитровски.

– Проектот е сложен и од технички и од институционален аспект, а главната цел е да провериме дали нашата програма е валидна, да направиме модификации и добар план за во иднина – рече Рето Булер, претставник на консултантската куќа „Ернст Баслер и Партнер“.

На средбата беа истакнати следните чекори за работа на проектот и неопходните комплетирања на меѓународните и на домашните тимови од ескперти.

Градоначалникот Ратко Димитровски уште еднаш го истакна интересот на Општината за квалитетна реализација на овој проект.

– Овој проект е од животно значење за нашиот крај. Со него сакаме да ја заштитиме и Брегалница и околината. Како Општина вложивме многу. Сакаме тој да биде одржлив и граѓаните да бидат задоволни од него – истакна на средбата градоначалникот Димитровски.

Неодамна во Општина Кочани беше потпишан договорот со избраната консултантска куќа за проектот за изградба на пречиститена станица за отпадните води, за кој Швајцарската агенција за развој и соработка донира 21 милион швајцарски франци.