Во организација на Еколошкото пчеларско друштво „Златна кошница“, од 19 до 21 октомври во Кочани се одржа традиционалната Изложба на мед и пчелни производи.

На повеќе штандови во Паркот на Револуцијата беше претставен осоговски, малешевски, плачковички и мед од други краишта на нашава држава.

– Ние, од пчеларските здруженија знаеме дека организираноста на пчелните заедници може да се примени и како организираност на работата на луѓето. Затоа и се собираме на оваа манифестација, да го збогатуваме и усовршуваме производството на мед, да ги надградуваме кај луѓето сознанијата за користа од медот и да научиме како да ја чуваме природата, а со тоа медот и нашето здравје. Во манифестацијата вклучуваме различни генерации, со цел медот како здрава храна да биде достапен за сите. Славејќи го медот, го славиме трудот, организираноста, заедништвото и здравјето – рече во своето обраќање Тони Димитров, претседател на „Златна кошница“.

Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, ги истакна активностите за прогласување на Осогово како заштитено подрачје со можноста едновремено да се работи на зачувување на природата, но и на создавање брендирани производи, меѓу кои би бил и осоговскиот мед.

Пчеларите од Кочанско годинава ја оценуваат како средно приносна за мед, а за производството од овој крај веќе има гарантиран пласман и откуп.