Денеска во Кочани, во организација на ЗЕЛС, а во партнерство со невладината организација „Конект“, се одржа работилница за локализација на целите за одржлив развој. Претставници од Општина Кочани, Советот на Општината и од граѓански здруженија имаа можност да ги унапредат знаењата за концептот за одржлив развој по принципот „Никој да не биде изоставен“.

– Обуката овозможува зајакнување на капацитетите на тимови составени од професионалци кои учествуваат во стратешкото планирање во локалните самоуправи. Се очекува оваа работилница да придонесе кон подобрено практично знаење за идентификување на ефективни одржливи решенија. Крајната цел на обуката е интегрирање на Агендата 2030 и на целите за одржлив развој во локалните политики – соопшти Благородна Шопова од ЗЕЛС.

Активностите се дел од проектот „Регионално учење за имплементација на Агенда 2030 во Југоисточна Европа“ кој Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија – ЗЕЛС го имплементира во соработка со НАЛАС, Мрежата на асоцијации на локални власти на Југоисточна Европа, а е поддржан од ГИЗ, Германското друштво за меѓународна соработка.