Во Спортската сала „Никола Карев“ беше претставен проектот „Спортот и семејните вредности“ кој се реализира под покровителство на Агенцијата за млади и спорт, Сојузот на спортски федерации на Македонија и единиците на локалната самоуправа.
Ученици на возраст од 10-12 години од петте кочански основни училишта, со наставниците по физичко воспитување и со родители промовираа повеќе игри: штафета со топка, фудбал, ракомет, куглање.
– Целта на овој настан е спортските сали низ Македонија да бидат средиште на задоволни семејства кои низ ревијални спортски натпревари даваат можност за дружење, спортување и забава со своите најмили – рече во своето обраќање директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески.
Според градоначалникот Ратко Димитровски, проектот „Спортот и семејните вредности“ е уште еден поттик и доказ дека спортските сали можат да бидат места каде што ќе се спојат различни генерации од семејствата, каде што децата и родителите ќе се натпреваруваат и ќе имаат заедничко време и забава.