На 27 февруари, во Кочани, Делегацијата на Европската Унија организираше работилница за финансиска поддршка што ја овозможува ЕУ.
Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка, ги претстави можностите за финансирање на Европската Унија и начините како тие да се користат.
Според градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, граѓанскиот сектор и сите заинтересирани кочанци имаа одлична можност да ги слушнат сите потребни информации потребни за аплицирање во делот на европските фондови.
– Слушнавме на што сè треба да се внимава, на пропустите и недостатоците што тие ги имаат забележано во досегашното работење. Ваквите работилници се многу корисни за нас, со цел да бидеме подготвени и соодветно да одговориме на повиците за користење на средствата од ЕУ. Досега Кочани најмногу има искористено средства од Програмата за прекугранична соработка. Сега таму имаме поднесено проект за реконструкција на Мултикултурниот центар, објект кој е во очајна состојба, а е неопходен за културни настани – изјави Илијев.
Амбасадорот Самуел Жбогар истакна дека средбата со градоначалникот ја искористил да разговара за досега реализираните и за идните можни проекти од фондовите на Европската Унија.
– Нашата цел е со оваа работилница да ги информираме заинтересираните за искористувањето на можностите понудени преку европските фондови, а едновремено за нас е значајно да слушнеме кои се реалните потреби на населението, за да можеме да ги прилагодиме самите проекти и програми да бидат соодветни на тие потреби. Затоа ние се фокусираме на самите општини и се надеваме дека работилниците од овој вид ќе помогнат за уште повеќе проекти за искористување на тие фондови – соопшти амбасадорот Жбогар.
– Имавме одлична работилница и можност да слушнеме кои се тие конкретни потреби и каков тип проекти би требало да се развиваат. Веќе сме инспирирани да ги подобриме овие работи, со тоа што ќе се понудат и обуки за луѓе, ќе се селектираат луѓе во секоја општина кои ќе бидат фокусни точки, кои ќе бидат контактот на Европската Унија со граѓаните за да ги дознаеме тие потребии тие што побрзо да се решаваат – изјави Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ.