Секторот за управување со ИПАРД-фондовите при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на 28 јануари 2020 г. во Кочани ги претстави ИПАРД-можностите за македонските рурални средини, при што фокусот беше ставен на Мерката 3 – инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи.
На презентацијата беше истакнато дека прифатливи инвестиции согласно Мерката се изградба и реконструкција на згради и друг недвижен имот, купување нови машини, опрема/инструменти и специјални транспортни резервоари. Беше речено дека корисници на средствата можат да бидат правни лица (трговски друштва во рангот на микро-, мали и средни претпријатија до 250 вработени и годишен обрт до 50 милиони евра) и задруги што се занимаваат со преработка на млеко и млечни производи, преработка на месо и месни производи (вклучувајќи јајца и живина), преработка на овошје и зеленчук (вклучувајќи компир, печурки и легуминозни култури), преработка на житарици, мелнички производи и скроб, растителни и животински масти и масла, шира, вино и оцет, како и оние правни лица што произведуваат енергија со преработка на примарна биомаса од растително и животинско потекло, со исклучок на биомаса од рибни производи.
На средбата, исто така беше образложена и постапката пред Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за користење средства од ИПАРД 2014 – 2020, за која е во тек јавен повик, а беа претставени и примери на успешно реализирани проекти од претходни јавни повици.