Во присуство на евроамбасадорот во Република Македонија, Самуел Жбогар, Општина Кочани и ЕУ-инфо точката и годинава го одбележаа 9 Мај, Денот на Европската Унија.
Централниот настан се одржа на Летната сцена на Центарот за култура „Бели мугри“, каде ученици од основните и средните училишта претставија седум земји членки на Европската Унија: Холандија, Германија, Чешка, Бугарија, Ирска, Полска и Финска. Пред присутните се обратија евроамбасадорот во Република Македонија, Самуел Жбогар и градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев.
– Денот на Европа се слави низ целата Европска Унија. Но, исто така и во Скопје, Крива Паланка, Куманово, Гостивар, Тетово, Гевгелија, Дебар, Охрид, Велес и Кавадарци и секако, тука, во Кочани. Многу сум среќен што сум со вас да го славиме заедно овој прекрасен ден. Би сакал да им честитам на сите учесници во прославата, како и на нашите домаќини за организацијата на овој настан. Мојата порака до вас е дека вие сте дел од Европа, дека вие му припаѓате на европското семејство и секој од вас може да придонесе за вашата европската иднина, особено најмладите – рече во своето обраќање пред присутните амбасадорот Жбогар.
Градоначалникот Илијев нагласи дека Денот на ЕУ е повод да ја искажеме нашата почит што вистинското партнерство меѓу Франција и Германија е ставено како прв услов за создавање на европското семејство. – Денес тоа пријателство е вистински пример за сите други држави како да ги решаваат историските антагонизми – рече Илијев честитајќи го Денот на Европа.
Во културно-уметничкиот дел на програмата настапија хорот на ОУ „Свети Кирил и Методиј“, училишни ритмички состави и кочанскиот рок-состав „Шекспир“.
Дел од програмата беше и ликовниот перформанс со членовите на Училиштето за цртање и сликање под менторство на м-р Александра Димитрова, кои сликаа мотиви од земји членки на ЕУ.