Со почитување на мерките за лична здравствена заштита, протоколите за работа во образовните институции и според согласностите добиени од надлежната Комисија, сите шест основни и две средни училишта во Кочани ја почнаа новата учебна година.

– Со еден месец задоцнување, новата учебна година за прв пат ја почнуваме во специфични услови на пандемија. Засега во училиштата нема големи проблеми во почитувањето и  спроведувањето на сите протоколи за здравствена заштита на кои учениците, родителите и наставниците ќе мора да се привикнуваат и максимално да ги применуваат. Одговорноста за зачувување на личното и колективното здравје ни припаѓа на сите – истакна градоначалникот Илијев на свеченоста за првоодделенците што се одржа во дворот на ОУ „Св. Кирил и Методиј“.

Наставата за учениците од прво до трето одделение во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ ќе се одвива во два термина, односно поради бројноста на учениците, паралелките ќе бидат поделени во две групи.

– Кај нас имаме вкупно 12 паралелки од прво до трето одделение, при што наставата со половина паралелка ќе се одржува во претпладневниот термин, а втората половина настава ќе следи во пладневниот термин. По нивното заминување од училиштето, во попладневниот термин ќе почнат онлајн предавањата што ќе ги одржуваат наставниците по предметна настава. Помеѓу секоја од овие групи ќе има пауза од половина час во која ќе се прави целосна дезинфекција на просториите – соопшти Даниел Кралев, директор на ОУ „Св. Кирил и Методиј“.

Во оваа учебна година во општина Кочани настава ќе следат вкупно 4000 ученици, од кои 2.783 во основно и 1.217 во средно образование. Во Музичкото училиште ќе учат 163 ученици.

Одговорните во училиштата соопштија дека при реализацијата на класниот час преку националната платформа, не биле регистрирани никакви проблеми.