Денеска уште еден нов случај на заболен од коронавирус е евидентиран на подрачјето на Кочани. Вкупниот број лица во изминативе осум дена е 19.
Полициските служби од Одделението за внатрешни работи вршат надзор над 66 лица во самоизолација, во Зрновци, Чешиново-Облешево и во Кочани.
Како подготовка за ограниченото движење во претстојниот викенд, во тек е јавниот повик за онлајн работа и достава на продукти од маркети, аптеки, достава на храна од ресторани и такси превоз на територијата на општините Кочани и Чешиново-Облешево.
Општинскиот кризен штаб – Кочани ги повика сите заинтересирани правни субјекти да се пријават за добивање дозвола за работа. Барањето за дозвола е објавено на веб-страницата на Општина Кочани, а истото е валидно и за правните субјекти од Чешиново-Облешево, кои поради актуелната состојба дозволите ќе ги добиваат од Општинскиот штаб од Кочани.
Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев повикува на дисциплинирано однесување на граѓаните и максимално придржување кон мерките за заштита и спречување на ширењето на болеста КОВИД-19.