Денеска во Кочани се спроведе 16 акција „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“, којашто се реализираше на четири локации.
– На улица „1 Мај“, заедно со месното население и со КЈП „Водовод“ засадивме украсни дрвца. На локацијата Колерски Гробишта, засадивме чемпрес и багрем, на Пониква садеа вработените од „Македонски шуми“ и над Фабриката за вода се засади багрем – соопшти градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски.
Во пошумувањето на површините во Кочани, учествуваше и Соња Лепиткова, државен секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање.
– Среќна сум што сите граѓани на Кочани даваат поддршка на акцијата „Засади ја својата иднина“ и се надевам дека таа ќе продолжи и во иднина и ќе ги даде резултатите, па идните помлади генерации ќе можат да бидат горди на сите нас што ја спроведуваме оваа акција за една позелена и поубава Македонија – истакна Лепиткова.
Во врска со резултатите од претходните акции, директорот на кочанската подружница на „Македонски шуми“, Орце Димитров, рече дека на поголеми локации, обично се засадуваат поголем број садници, од 3 до 4 илјади на хектар. – Ваквиот број овозможува да имаме една добро развиена шума. Така, за овие акции може да речам дека се успешни со процент од 60-70 отсто – рече Димитров.
Годинешнава акцијата се реализираше под мотото „Засади успех“, со што се стави акцент на сите досега реализирани акции.