Компаниите „Инокс-сервис“ од Кочани и „НАСА КОМ“ од Скопје, кои со тендерска постапка се избрани за изведувач и надзор, денеска беа воведени во работите од проектот „Реконструкција на ски-лифтовите на Пониква“.
Проектот опфаќа реконструкција на машинските и на електричните делови на лифтовите. Ќе бидат променети влечните јажиња, котвите, ќе се изврши ремонт на моторите, ќе има комплетна замена на електрониката и управувачките делови на ски-лифтовите. Според договорот, работите треба да бидат изведени во рок од 45 дена од воведувањето.
За реконструкцијата на двата ски-лифта на Пониква, во вкупна должина од 692 м, се наменети 4 милиони и 800 илјади денари, средства обезбедени од Швајцарската агенција за развој и соработка, Министерството за локална самоуправа и Општина Кочани, на регионалните форуми во Источниот Плански Регион што се одржаа во Штип во февруари 2019 година, со претставници од граѓанскиот, јавниот и бизнис-секторот од сите 11 општини од Регионот.
– Постојните ски-лифтови на Пониква се застарени, во мал број, нивната работа е проследена со чести дефекти, што ја оневозможува максимална искористеност на капацитетот на ски-патеките. Спортско-рекреативниот центар „Пониква“ е единствен ски-центар во Источниот Плански Регион, кој е зацртан во Просторниот план на нашата држава како еден од 34-те зимски туристички центри. Оттука, неговиот развој има регионална димензија и заслужува посветеност – вели Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Реализацијата на овој проект ќе придонесе за подобрување на туристичката понуда за посетителите на Пониква и модернизација на туристичката инфраструктура и ќе ги подобри условите и капацитетите за скијање.
Програмата „Регионални форуми во заедницата“ ја реализира Центарот за развој на Источниот Плански Регион во соработка со Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка.