Со промоцијата на поемата „Еригон“ од Александар Куклев што ќе се одржи на сцената на Центарот за култура „Бели мугри“, вечерва со почеток во 20:30 ч. започнува единаесеттото издание на културната манифестација „Петровденски конаци“. Промоцијата ќе биде збогатена со настапот на Димитар Лазаров на виолина.
Годинава манифестацијата ќе трае од 5 до 12 јули, а фокусот во неа е насочен кон музичките настани. Под мотото Музичко будење на градот концерти ќе одржат кочанските групи 4 и 21, Мјау, Шекспир, Криптон, А-позитив и Игуана, тетовската хип-хоп атракција Natty fiyah. На 8 јули на Летната сцена на Центарот за култура ќе настапат Гиш и Гуру Харе, а на 11 јули, во пресрет на Петровден – Тони Китановски Трио. Сите концерти започнуваат во 21:30 ч.
Во рамките на „Петровденски конаци“ ќе се одржат Младинската ликовна колонија „Св. Пантелејмон“ и Духовната академија по повод Петровден на која ќе настапат црковни хорови од Лесново, Штип и Радовиш.