Со 9 гласа „за“ во вториот круг гласање, Советот на Општина Кочани го избра Венко Крстевски за вршител на должноста градоначалник на Општина Кочани.

Крстевски, кој во Советот на Општина Кочани е втор мандат независен советник, доби повеќе гласови од Гоце Марков, предложен во изборот за в.д. градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Крстевски се заблагодари за поддршката што му ја дадоа колегите советници повикувајќи ги сите граѓани со конструктивни предлози да дадат  свој придонес.

– Време е за обединување, време е за работа. Ќе бидам мост помеѓу народот и институциите. Фокусот ќе ми бидат младите како движечка сила кои треба да го издигнат нашиот град и со чесна и ефикасна работа да ја надминеме апатијата и агонијата во која се наоѓа Кочани – истакна од говорницата Крстевски.

Венко Крстевски ќе ја извршува функцијата градоначалник во наредниот период до редовните локални избори.