По повод Европската недела на мобилност, Општина Кочани, ОУ „Малина Попиванова“ и „Екологик“ организираа велосипедски настани со цел да го насочат вниманието на јавноста кон подобрување на јавното здравје и квалитетот на животот преку промовирање на одржлив урбан транспорт.
Ученици од сите кочански основни училишта, како и од училиштата од Чешиново-Облешево и Зрновци, Виница и Блатец се вклучија во велосипедското дефиле што појде од Градскиот плоштад, а заврши во „Малина Попиванова“, училиште коешто беше домаќин на „Велородео“.
Според Никола Нешковски, директор на Здружението „Екологик“ и организатор на „Велородео“, целта е кај децата да се зголеми интересот за велосипедизмот како одржлив начин на транспорт.
– Започнуваме од најмладите преку вештини, баланс, подобрување на моторика, затоа и овој полигон е вака наместен, бидејќи реално имаме ситуации во градот или субурбано, коишто се слични на овие вежби тука, затоа ни е целта преку игра да го промовираме велосипедот – соопшти Нешковски.
Директорот на ОУ „Малина Попиванова“, Благој Петров истакна дека Кочани по четврти пат е домаќин на Велородео: двапати во дворот на ОУ „Раде Кратовче“, еднаш во центарот на градот.
– Сега сме првпат овде во „Малина Попиванова“, се надевам дека следната година самиот терен ќе биде поуреден, во поубаво издание, а наша задача е да ги мотивираме децата да го користат велосипедот – рече Петров.
Градоначалникот на Кочани Николчо Илијев истакна дека возењето велосипед нуди повеќе предности, го чува здравјето, а ги намалува загадувањето на животната средина и трошоците за превоз.
– Велосипедските патеки се нешто што недостига во поголемиот дел од градовите во Македонија и нешто пред што сите ние сме исправени. Во нашите проекции на новите детални планови, секаде каде што имаме планирање, урбанистите имаат задача да планираат и велосипедски патеки. Во најскоро време очекувам Кочани да добие велосипедска патека, од бензинската пумпа на „Лукоил“ во правец на индустриската зона, којашто понатаму планираме да ја продолжиме со градењето тротоар до Мојанци, релација која велосипедистите ја користат, со намера во иднина таа да се продолжи до Грдовци и да се направи едно кружно движење.
Градоначалникот додаде дека велосипедски патеки во градот ќе се добијат со уредување на паркирањето. На тој начин ќе се ослободат коловозите од паркираните возила, кои ќе можат да добијат обележани велосипедски патеки. Илијев најави дека до 4 октомври трае јавниот повик за проектот „Планински велосипедски рај“, со кој се промовира планинскиот велосипедизам и ќе придонесе за популаризација на туризмот на Пониква.